РАБОТНИ КЛУБОВИ
Во центрите за вработување во Агенцијата за вработување на Република Македонија како една од редовните активности се реализира и програмата за советување за вработување во работните клубови.
Целта на активностите во работните клубови e да се поттикнува иницијативата и да се зајакнуваат капацитетите на лицата кои бараат вработување за успешно претставување на пазарот на трудот, успешно барање работа и вработување.
Корисници на услугите на работните клубови се сите категории на невработени лица, но и вработени лица и работодавци. Со работодавците се остваруваат средби на кои се информираат и советуваат за активните мерки кои се спроведуваат во Агенцијата за вработување и законската регулатива од областа на вработувањето, се спроведуваат истражувања на нивните потреби од работници и други активности.
Видови активности за остварување на целите на работните клубови:
- Отворена канцеларија - Активностите во отворените канцеларии имаат за цел да им овозможат на лицата кои бараат вработување и работодавците да добијат информации за нивните права и обврски, како и информации од пазарот на трудот.
- Работилници - Со активното учество во работилниците невработените лица се вклучени во програми за психолошка помош и поддршка, се оспособуваат за проценка на сопствените интереси, ставови, способности и вештини, добиваат обука за користење на техники за успешно претставување на пазарот на трудот, се мотивираат и советуваат за можностите за вработување со самовработување и воопшто за остварување на активна улога на пазарот на трудот.
- Предавања - Како дел од обуката и советувањето на невработените лица се организираат предавања на различни теми кои се прилагодени кон нивните потреби и интереси.
- Интервјуа со цел да се испитаат потребите и интересите на невработените лица, во текот на периодот на барањето вработување.
- Обуки за стекнување на знаења и вештини за работа со компјутери и познавање на странски јазици, за невработени лица, за зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот и нивните можности за вработување.
- Изработка на индивидуални планови за вработување
- Други видови активности.
Обемот, бројот и видот на активностите, како и другите аспекти од работата на работните клубови се прилагодени кон специфичностите на центрите за вработување, кон нивната опременост и расположивите човечки ресурси и потребите на лицата кои ги користат нивните услуги.
|